Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, следната недела доаѓа во дводневна посета на Македонија.
По пристигнувањето, тој ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски и со собранискиот спикер Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во парламентот. Вториот ден од посетата на земјава шефот на НАТО ќе го започне со билатерална средба со премиерот Димитар Ковачевски, по што ќе учествува на неформалниот состанок на лидери на НАТО-сојузници од регионот чиј домаќин е С Македонија.
„Генералниот секретар на НАТО и премиерот на С Македонија, Димитар Ковачевски, ќе ги пречекаат поканетите лидери од Република Албанија – премиерот Еди Рама, Република Хрватска – претседателот Зоран Милановиќ, Република Црна Гора – премиерот Милојко Спајиќ и Република Словенија – премиерот Роберт Голоб“, соопштија од владината прес-служба.
Турнејата низ земјите од Западен Балкан шефот на НАТО ќе ја започне в недела попладне со посета на Сараево, а оттаму в понеделник ќе замине во Приштина. Во вторник ќе престојува во Белград, а четиридневната турнеја низ Западен Балкан ќе ја заврши со посетата на Македонија.