Столтенберг: Ситуациите во Газа и Украина се различни, Украина никогаш не ја нападнала Русија

by Fokus

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Брисел изјави дека ситуациите во Газа и Украина не се исти, бидејќи Украина никогаш не претставувала закана за Русија ниту ја нападнала.

„Важно е да се каже дека ситуацијата во Газа и ситуацијата во Украина се различни на многу начини. Украина никогаш не беше закана за Русија, Украина никогаш не ја нападна Русија, руската инвазија на Украина беше неиспровоцирана. Украина има право на самоодбрана и да го заштити својот територијален интегритет“, рече тој на прес-конференција во Брисел, каде во тек е дводневна средба на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.

Столтенберг рече дека министрите изразиле загриженост за војната на Блискиот Исток и го поздравиле продолжувањето на прекинот на огнот.

„Важно е овој конфликт да не ескалира во поголем регионален конфликт, нашата порака до Иран е дека не треба да користат нестабилност“, рече тој, додавајќи дека животите на цивилите мора да бидат заштитени во сите конфликти.

Министрите, посочи Столтенберг, ја повториле поддршката за Украина во одбраната на земјата, но и на нејзиниот пат кон НАТО.

Тие разговараа и за „предизвиците што Кина ги претставува за евроатлантската безбедност“.

„Кина не е наш противник. И го поздравувам дијалогот на сојузниците со Пекинг за прашања од заеднички интерес. Во исто време, мора да бидеме јасни за влијанието на принудната политика на Кина врз нашата безбедност“, рече тој.

НАТО ќе остане регионален сојуз, но поради глобалните предизвици мора да соработува со партнерите, вклучително и Индо-пацификот, рече тој.

Тие разговараа и за предизвиците од јужното соседство, борбата против тероризмот, зајакнувањето на стабилноста и технолошките иновации.

Подоцна денеска министрите ќе ја разгледаат состојбата на Западен Балкан, а утре ќе се состане Советот НАТО-Украина на кој ќе присуствува и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.

Поврзани новости