Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека членството во НАТО е исполнување на стратегиската цел на земјата, како и дека тоа означува „просперитет, мир и безбедност за македонскиот народ“
Премиерот Димитар Ковачевски во својата прва официјална посета на Брисел го посети и седиштето на НАТО, каде што се сретна со генералниот секретар Јенс Столтенберг, кој му посака среќа на новата функција и со кого разговараа и за актуелната ситуација околу Украина.
-Фактот дека доаѓате толку брзо по именувањето ја покажува вашата лична посветеност на нашата Алијанса. Ги поздравувам напорите на Северна Македонија да промовира мир и стабилност во регионот. Сега сте дел од политиката за воздухопловниот систем на НАТО, тоа е покажување на солидарноста на НАТО, ние се браниме меѓу себе, изјави Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО потоа се осврна на состојбата со Русија и Украина нагласувајќи дека секоја агресија од страна на Русија ќе има „големи последици и висока цена“.
-Ова е најголемо распоредување сили од студената војна. Се очекува уште и Русија да распореди дополнителни 30 000 борбени трупи, специјални сили и борбени авиони, мисии и ракетни системи во Белорусија. Тоа е всушност покажување на модерните способности и сето ова ќе се искомбинира со годишните нуклеарни вежби на Русија кои ќе се случат во секој момент. Секоја натамошна руска агресија ќе има значајни последици и висока цена, сакаме да работиме на односите со Русија за да го намалиме ризикот и да ја зголемиме транспарентноста. Секоја нација има право да го избере својот пат, а НАТО покажа дека може да ги брани своите сојузници, порача Столтенберг.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека членството во НАТО е исполнување на стратегиска цел на земјата, како и дека тоа означува просперитет, мир и безбедност за македонскиот народ.
-Членството на НАТО е исполнување на наша стратешка цел, да се биде дел од НАТО значи просперитет и безбедност за мојата земја и македонскиот народ. С Македонија стана 30-тата земја членка, ова достигнување е гаранција за нашата национална и регионална стабилност на Западен Балкан, истакна Ковачевски.
Во врска со состојбата со Украина, тој истакна дека С Македонија целосно ги поддржува НАТО и Северна Америка по ова прашање, како и целосниот територијален интегритет на Украина.
-Како сојузник на НАТО се приклучуваме кон апелите до Русија да деескалира и да го продолжи дипломатскиот дијалог. Го поддржуваме предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија во врска со состојбата на односите, на европската безбедност со фокус на Украина, транспарентноста, намалување на ризикот и контрола на оружјето. Целосно ги поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признаените граници. Како сојузници, ние сме силни, одлучни и обединети во нашата реакција, изјави Ковачевски.