Генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг изјави денеска дека се надева оти Шведска ќе биде примена во Алијансата и тоа многу брзо. Оваа негова изјава доаѓа откако вчера претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган го потпиша и го достави до Парламентот на ратификација барањето на Шведска за влез во НАТО.
– Го поздравувам испраќањето до турскиот Парламент Протоколот за пристапување на Шведска во НАТО. Со нетрпение очекувам да и посакам добредојде на Шведска како полноправен сојузник во НАТО многу брзо. Ова ќе ја направи целата Алијанса посилна и побезбедна“, рече Столтенберг.
Тој изрази надеж дека расправата и гласањето во турскиот парламент за протоколот за Шведска ќе се одвива брзо.
Влезот на нова членка во НАТО мора да биде одобрен од сите членки, вкупни 31.
Досега кандидатурата на Шведска се уште не е ратификувана од Турција и од Унгарија.
Финска се приклучи на воената алијанса во април, додека не е јасно кога Шведска ќе може да се приклучи.