Генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг денеска изјави дека очекува САД да останат „силен и посветен“ сојузник на Алијансата, без оглед на исходот од претстојните претседателски избори во Америка.
Во Вашингтон, за време на обраќањето пред новинарите, Столтенберг изрази уверување дека членките на Алијансата ќе останат посветени Украина да стане членка на НАТО и додаде дека се уште е рано да се каже кога тоа ќе се случи.
Тој изјави дека Алијансата не гледа непосредна воена закана за ниту една од сојузничките земји, посочувајќи дека Русија е целосно окупирана со војната во Украина.
„Во изминатите месеци видовме шема на руски непријателски дејствија против сојузниците во НАТО“, рече Столтенберг, додавајќи дека тоа се „непријателски дејствија кои се движат од дезинформации до саботажа“.
Лидерите на НАТО се собраа на самитот во Вашингтон, каде што на 9, 10 и 11 јули Алијансата ја слави 75-годишнината од формирањето, пренесува Танјуг.