Столтенберг: Путин не се подготвува за мир, мора да произведуваме повеќе муниција

by fokus

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска во Брисел одржа прес конференција пред утрешниот министерски состанок на која порача дека членките на НАТО ќе продолжат со поддршка за Украина, бидејќи Русија не се подготвува за мир.

На почетокот на прес конференцијата, Столтенберг се осврна и на ситуацијата во Турција.

-Нашите мисли остануваат со луѓето на Турција. НАТО партнерите, покрај екипите за спасување и опремата, се согласија да испратат и капацитети кои ќе помогнат за сместување на оние кои останаа без своите домови.
Ќе ја потврдиме поддршката на Украина. Путин не се подготвува за мир, напротив, планира нови напади. Затоа мораме да и обезбедиме на Украина се што и треба за да победи. Заедно ќе ги адресираме потребите на Украина. Муниција и опрема мора да стигне до Украина. Тенкови и тешко вооружување веќе се најавени од земјите членки, рече Столтенберг.

Првиот човек на НАТО нагласи дека војната во Украина подразбира поддршка со огромни количества на муниција и затоа мора да се зголемат воените индустриски капацитети.

Војната во Украина троши многу муниција. Времето на чекање за муниција сега е две години. Затоа мора да ги зголемиме капацитетите за производство во земјите членки. Ова е многу важно за да и се помогне на Украина, но и за се обезбеди безбедноста на земјите членки, нагласи Столтенберг.

Состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана се одржува утре и задутре во седиштето на НАТО во Брисел се очекува да биде потврдена поддршката за Украина, како и заложбата за имплементација на одлуките донесени на Самитот во Мадрид минатата година, а кои се однесуваат на зајакнување на безбедноста и зачувување на територијалниот интегритет на земјите членки.

За Фокус од Брисел
Катерина Смилева Божиновска

 

Поврзани новости