Пренасочување на летот на белорускиот опозициски новинар Роман Протасевич и принудувањето на авионот на Рајанер да слета во Минск е „државно киднапирање“, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Тој повика на итно ослободување на Протасевич и неговата девојка Софија Сапега. Столтенберг истакна дека ова прашање ќе се дискутира и на денешниот состанок на амбасадорите на НАТО.
Генералниот секретар на Алијансата го оквалификува случајот како опасен и неприфатлив. Тој ги поздрави натамошните чекори одобрени синоќа од Европскиот совет против Минск.
Столтенберг рече дека присилното слетување покажало како белоруските власти се однесуваат кон слободата на изразување, независните медиуми и основните демократски права. Тој додаде дека за случајот е потребна итна меѓународна истрага.