Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја остави отворена можноста неговиот мандат да биде продолжен, откако високи претставници на земјите членки на Алијансата отворено ја поддржаа идејата, вклучително и еден од неговите потенцијални наследници, пренесува Ројтерс.
Прашан дали бил убеден да остане прв човек на воената алијанса за време на неговата посета на Вашингтон, Столтенберг рече: „Јас сум одговорен за сите одлуки што треба да ги донесе НАТО, освен за онаа за мојата иднина. За тоа треба да одлучи 31 сојузник“.
Во септември Столтенберг, поранешниот премиер на Норвешка, изјави дека не бара ново продолжување на мандатот.
Обраќајќи им се на новинарите денеска на маргините на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, Столтенберг инсистираше на тоа да остане така, но постојано одби да каже што би направил доколку членките на Алијансата побараат од него да остане генерален секретар.
Мандатот му е веќе трипати продолжен и во септември треба да се пензионира по девет години како генерален секретар на НАТО.
Сепак, според британската агенција, членките на Алијансата не можат да најдат наследник кој би можел да доведе до потребниот консензус на 31 членка.