Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска во Белград изјави дека насилството како она во селото Бањска на северот на Косово е неприфатливо и дека сторителите мора да бидат изведени пред лицето на правдата, како и дека КФОР не е агенција за спроведување на законот.
На заедничката прес-конференција по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ Столтенберг рече дека НАТО „поздравува што Србија е подготвена да соработува во овие напори“.
„Некои членки на НАТО беа нападнати во мај [во судирите меѓу локалните Срби и КФОР], во септември видовме уште една појава на насилство во Косово. По тоа насилство [во Бањска], НАТО распореди дополнителни 1.000 војници и тешко оружје на Косово. Ова е најголемото зголемување на контингентот на НАТО во последната деценија и покажува дека НАТО е подготвен да го зачува мирот“, рече Столтенберг, пренесува Бета.
Столтенберг, кој дојде во Белград од Приштина како дел од турнејата низ Западен Балкан, ја поздрави блиската координација меѓу српската армија и КФОР.
„Ги повикувам сите страни да ги намалат тензиите и да се воздржат од ескалација на потези. Му кажав на претседателот Вучиќ дека акумулацијата на силите на српската армија во близина на границата со Косово нема да придонесе за подобрување на ситуацијата“, рече Столтенберг.
Тој повтори дека го поддржува формирањето на заедница на општини со српско мнозинство, со оценка дека тоа ќе биде „клучот за нормализирање на односите“.
„Ги повикувам Србија и Косово да се вклучат во дијалог под покровителство на Европската унија, тоа е единствениот начин за траен мир и стабилност“, рече Столтенберг.
Вучиќ рече „во иднина ќе се обидеме да имаме најдобра можна комуникација со НАТО“.
„Повеќе од час и половина разговаравме за сите важни прашања и за нас е важно, како што рече Столтенберг, и што можам да го потврдам, соработката со НАТО и КФОР, со надеж дека ќе обезбедиме што поголема безбедност за Србија и народот на Косово“, рече Вучиќ.