Столтенберг од Сараево: Нѐ загрижува сецесионистичката поделба и особено влијанието на Русија

by Fokus

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е во посета на Босна и Херцеговина, рече дека тема на разговор била безбедносната состојба во земјата и регионот. Тој денеска се сретна со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто (ХДЗ) и министрите.

„Загрижени сме поради сецесионистичката поделба и реторика, како и надворешното влијание, особено влијанието на Русија. Тоа се заканува да ја поткопа стабилноста и да ги ослаби реформите. Сите лидери мора да работат на единство и напредок“, изјави Столтенберг.

Тој рече дека сојузниците силно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

„Тоа ни е исклучително важно и ние сме посветени на стабилноста и безбедноста во овој регион. НАТО е посветен на долгогодишна стабилност во вашата земја. И затоа ја продлабочуваме нашата соработка и политичкиот дијалог. Седиштето на НАТО во Сараево и дава поддршка на мисијата на Европската унија Алтеа. НАТО и неговите сојузници остануваат целосно посветени на успехот на таа мисија и го поздравуваме едногласното усвојување на продолжувањето на мисијата од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации“, изјави високиот претставник на НАТО за новинарите во Сараево.

НАТО, рече тој, ги поддржува реформските напори на БиХ, вклучително и пакетот за градење одбранбени способности.

„Тоа всушност ќе ги зајакне вашите способности како одговор на природни и други катастрофи, сајбер одбрана. НАТО останува посветен на поддршката на БиХ на нејзиниот евроатлантски пат. Секоја земја треба да избере свои безбедносни аранжмани без надворешно мешање“, рече Столтенберг.

Тој ги пофали успесите на БиХ на патот кон Европската унија.

Поврзани новости