Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтелберг денеска ги повика сојузниците да ги зголемат испораките на оружје за Украина, велејќи дека тоа ќе доведе до брз крај на војната.
„Сите сакаме оваа војна да заврши. Најбрзиот начин да ја завршиме е да ја изгубиме. Но, тоа нема да донесе мир. Тоа ќе донесе руска окупација“, рече Столтенберг.
„Рускиот претседател Владимир Путин верува дека може да ги постигне своите цели на бојното поле, изјави Јенс Столтенберг, додавајќи дека со давање оружје на Украина, Путин може да го натера да разбере дека не може со сила да го добие она што го сака.
„Парадоксот е во тоа што колку повеќе оружје можеме да ѝ испорачаме на Украина, толку е поголема веројатноста да постигнеме мир и да ја завршиме војната. И колку е поверодостојна нашата долгорочна воена поддршка, толку побрзо ќе заврши војната“, рече Столтенберг во говорот на настан организиран од Германскиот Маршалов фонд.
Тој го поддржа и предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, посочувајќи дека е неопходно Русија да учествува во следните мировни преговори и дека секој договор мора да вклучува западна воена поддршка за Украина и безбедносни гаранции, објавено е на веб-страницата на НАТО.
Столтенберг порача дека не може да има мир во Европа без стабилна Украина, посочувајќи дека таа земја има место во НАТО.
„Не може да има одржлива безбедност во Европа без стабилна Украина. И нема трајна безбедност на Украина без членство во НАТО. Вратата на НАТО е отворена. Украина ќе се приклучи“, рече тој.
Столтенберг предупреди дека Русија користи гас како оружје во обид да го уценува НАТО и да ги спречи сојузниците да ја поддржат Украина и дека Алијансата не смее да ја направи истата грешка со Кина.
Тој посочи дека зависноста на Западот од кинеските минерали и извозот на напредни технологии во таа земја ја ослабува решителноста на Алијансата и создава ризици.
„Се разбира, ќе продолжиме да соработуваме со Кина. Но, не смееме да разменуваме краткорочни економски интереси за долгорочни безбедносни потреби“, рече тој.