НАТО не ја гледа Кина како противник, но Алијансата е загрижена за се поблиските врски на Пекинг со Москва по руската инвазија врз Украина, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
-Ние не ја сметаме Кина за противник“, рече Столтенберг на маргините на самитот на НАТО во Мадрид, додавајќи дека Кина наскоро ќе биде најголемата економија во светот и дека НАТО треба да го вклучи Пекинг во прашања како климатските промени.
Но, ние сме разочарани од фактот што Кина не можеше да ја осуди руската инвазија на Украина, дека Кина шири многу од лажните наративи за НАТО, Западот, а исто така и дека Кина и Русија сега се поблиски од порано, додаде тој.
Лидерите на земјите членки на НАТО од денеска учествуваат на Самиот на Алијансата во Мадрид. Се очекува ова да биде еден од најважните самити на НАТО во последниве години, поради руската неиспровоцирана инвазија на Украина. Столтенберг вчера рече дека на тридневниот самит ќе се договори нов пакет помош за Украина во области како безбедни комуникации, системи против дронови и гориво.