Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој од утре ќе биде домаќин на министерскиот состанок за одбрана на Алијансата, не сакаше да ја коментира француската блокада на Северна Македонија во ЕУ, но ја поздрави ратификацијата на пристапниот протокол за НАТО во американскиот Сенат.
– Не е на мене да давам совети како да се справи ЕУ со отворањето преговори со Северна Македонија, сите го видовме исходот на дискусиите во ЕУ. Вратите на НАТО остануваат отворени и наскоро Северна Македонија ќе биде полноправна членка, рече Столтенберг.
Посочи дека вчера американскиот Сенат го ратификуваше пристапниот протокол, тоа е важно затоа што Северна Македонија придонесува за стабилноста на регионот. Додаде дека неодамна разговарал со премиерот Зоран Заев, кој му укажал на тоа дека со НАТО членството се зголемени странските инвестиции во земјата.