НАТО разговара за распоредување на дополнително нуклеарно оружје, негово вадење од складиштата и ставање во состојба на готовност поради сооченост со растечката закана од Русија и Кина, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Во изјава објавена од британски Телеграф на 17 јуни, Столтенберг рече дека членките на Алијансата разговараат за транспарентноста во однос на нивниот нуклеарен арсенал како средство за одвраќање, пренесува Ројтерс.
„Нема да зборувам за оперативните детали за тоа колку нуклеарни боеви глави треба да бидат ставени во функција и кои ќе бидат складирани, но треба да се консултираме за овие прашања“, рече тој.
Столтенберг рече дека целта на НАТО е свет без нуклеарно оружје.
„Сепак, додека постои нуклеарно оружје, ние ќе останеме нуклеарен сојуз, бидејќи светот во кој Русија, Кина и Северна Кореја имаат нуклеарно оружје, а НАТО нема, е поопасен свет“, посочи Столтенберг.
Тој минатата недела рече дека нуклеарното оружје на НАТО е „крајната безбедносна гаранција“ и средство за одржување на мирот.
Рускиот претседател Владимир Путин постојано предупредуваше дека Москва може да користи нуклеарно оружје за одбрана во екстремни околности.
Тој ги обвинува САД и нивните европски сојузници дека го туркаат светот до работ на нуклеарен конфликт давајќи и на Украина оружје во вредност од милијарди долари, кои се користи за напади на руска територија.