НАТО нема да биде дел од конфликтот меѓу Русија и Украина изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг по вонредниот состанок во Брисел. Тој најави дека се очекува влошување на воената криза во Украина по руската инвазија.
Војната во Украина ќе донесе се повеќе жртви и уништувања во наредните денови, деновите што следуваат ќе бидат се полоши, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбер по денешниот вонреден состанок во Брисел. Тој го повика рускиот претседател Владимир Путин да ги повлече сите војници од Украина без услови. Столтенберг посочи дека сите земји членки и партнери на Алијансата ја осудуваат руската агресија врз Украина и додаде дека ова е „војна на рускиот претседател Владимир Путин кој сам ја планираше и предизвика“.
Столтенберг додаде дека сојузниците се согласни дека не треба да има авиони на НАТО во украинскиот воздушен простор, како и дека војска на алијансата не треба да има на украинска почва. Одговорноста на Алијансата е да осигура дека воениот конфликт во Украина нема да се прошири надвор од нејзината територија.
„Затоа ние јасно застанавме на ставот дека нема да се поместиме кон Украина, ниту преку земја, ниту преку украинскиот воздушен простор. Единствен начин да воведеме зона на забранети летови е да испратиме воени авиони на НАТО во украинскиот воздушен простор со тоа што ќе ја спроведеме таквата одлука со соборување на руски авиони. Нашата проценка е дека го разбираме очајот, но ако го направиме тоа веруваме дека ќе завршиме во војна во Европа во која ќе бидат инволвирани многу повеќе земји и ќе предизвикаме многу поголемо човечко страдање. Тоа е причината поради која ја донесовме оваа болна одлука, да воведеме строги санкции, да дадеме поддршка но не и да го инволвираме НАТО повеќе“ изјави Столтенберг.