Столтенберг на свечениот прием во Собрание: Со нетрпение ве чекаме во НАТО

by Fokus

Со свечен прием во Собранието, собранискиот спикер Талат Џафери вечерва им посака добредојде на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и на Северноатлантскиот совет на НАТО, кои од денеска се во дводневна посета на земјава.

Генералниот секретар Столтенберг ја предводи делегацијата од 29-те амбасадори на земјите членки на НАТО во Брисел.

На приемот што го приреди Џафери, присуствуваа и премиерот Зоран Заев, кој ја предводеше владината делегација, како и претставници од дипломатскиот кор во земјава.

Генералниот секретар на НАТО и честиташе на земјата за успесите што ги постигна изминатиот период на патот кон евроатланските интеграции, за храброста и решителноста да го реши проблемот со името, кој ја кочеше премногу долго. Тој оцени дека придобивките за Македонија од зачленувањето во НАТО се веќе очигледни, инвестициите оваа година се зголемени за три пати, а нашата држава веќе учествуваше на состаноците на министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што се одржаа во февруари и во април оваа година.

– Нашата Алијанса се грижи за безбедноста на луѓето, но и за почитување на  нашите вредности – слобода, демократија и владеење на правото. Во 1949 година, министрите за надворешни работи од дванаесет земји го потпишаа Договорот од Вашингтон. Наскоро, кога процесот на вашето пристапување ќе биде завршен, со нетрпение ќе ја пречекам Северна Македонија како триесеттата членка на нашата Алијанса. И да го видам вашето знаме развеано пред нашето седиште во Брисел, како и во нашите мисии и операции насекаде низ светот – порача генералниот секретар на НАТО Столтенберг.

Поврзани новости