Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска порача дека нема план Б за Македонија, оти земјата сега има можност која се случува еднаш во животот и дека може да стане членка на НАТО само ако го прифати договорот со Грција.
– Цврсто верувам дека она што земјата треба да го направи сега е да донесе одлуки за натамошните чекори. На Владата и на Собранието е да ги донесат тие одлуки. Да решат како ќе одат напред, како да реагираат на референдумот и на сите политички импликации и последици што тој ги донесе, изјави Столтенберг кој денеска е во посета на Србија.
Генералниот секретар на НАТО нагласи дека ако демократските институции во Скопје одлучат да го спроведат во целост договорот со Грција, тогаш НАТО е подготвен брзо да ја прифати Македонија како своја 30 членка.
– Можеме брзо да пристапиме кон потпишување на протоколот за членство, многу бргу по промената на името. Останува на демократски избраните институции во Македонија дали ќе го прифатат и ќе го применат договорот за името. Ние сме подготвени да ја прифатиме земјата како нов член, истакна Столтенберг.
Повтори дека не постои план Б или некаква друга алтернатива за членството на Македонија освен спроведувањето на договорот со Грција.
– Нема членство без договорот за името. Единствен начин за членство е земјата да се договори со Грција околу спорот за името. Затоа ние го поздравивме договорот меѓу двете земји, изјави Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО вели дека Алијансата нема да ја принудува Македонија да донесува одлуки, бидејќи станува збор за суверени одлуки на една суверена земја.
– Но, ова е прилика што се случува еднаш во животот. Имаат можност и треба да го искористат овој историски момент, порача Столтенберг.