Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја поздрави ратификацијата на членството на Шведска во НАТО во турскиот парламент и ја повика Унгарија да го стори истото за скандинавската земја да стане 32. членка на Алијансата.
„Го поздравувам гласањето во турскиот парламент за ратификација на членството на Шведска во НАТО. Сметам и на Унгарија што побрзо да ја заврши ратификацијата“, рече Столтенберг и додаде дека „членството на Шведска ќе го направи НАТО посилен“.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон, исто така, ја поздрави ратификацијата, велејќи дека неговата земја е чекор кон членство.
„Денеска направивме уште еден чекор кон полноправно членство во НАТО“, рече шведскиот премиер.
Турскиот парламент го ратификуваше договорот за членство на Шведска во НАТО, а сега останува Унгарија да го ратификува тој договор.
Кандидатурата на Шведска беше одобрена со големо мнозинство во турскиот парламент. За членство на Шведска гласаа 287 турски пратеници, 55 беа против, а четворица воздржани.