„НАТО ќе упати покана до Украина да се приклучи на воената алијанса кога „членките ќе се согласат и ќе бидат исполнети условите“.
Ова го изјави денеска генералниот секретар на Алијаната Јенс Столтенберг на првиот ден од Самитот во Вилнус, пренесоа британските медиуми.
Тој изјави дека НАТО испраќа „силна, обединета и позитивна порака“ до Украина, откако членките се согласија дека нејзината иднина е во Алијансата.
Столтенберг истакна дека „најитна задача“ сега е да се осигура дека Украина „издржува“ против руската инвазија. Во спротивно, како што кажа, „без овој исход, воопшто не може да има дискусија за членство“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека би било „апсурдно“ доколку лидерите на НАТО кои се собраа на самитот не и понудат временска рамка за членство на неговата земја, откако шефот на алијансата рече дека тоа ќе испрати „позитивна порака“ на Киев.