НАТО упати критики кон Северна Кореја поради серијата лансирања на проектили во изминатите денови и го повика Пјонгјанг да се ангажира во дипломатијата.
– Силно ги осудувам опасните и дестабилизирачки ракетни тестови на Северна Кореја, напиша на Твитер генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Тој додаде дека ракетните тестови ги прекршуваат безбедносните резолуции на Обединети нации и оти Пјонгјанг мора да се откаже од нуклеарната и балистичка ракетна програма.
– НАТО е солидарен со Јапонија, Јужна Кореја и партнерите на Алијансата, Нов Зеланд и Австралија, наведе Столтенберг.
Северна Кореја и денеска лансираше балистичка ракета што го прелетала јапонското копно и падна во Тихи Океан. Поради тоа властите во Токио првпат по пет години издадоа наредба за евакуација на граѓани од островот Хокаидо.