Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја предупреди Русија да не користи нуклеарно оружје во војната во Украина.
„Нашата порака е јасна: по употребата на нуклеарно оружје, сите страни ќе бидат губитници“, изјави Столтенберг за весникот „Велт“.
Столтенберг истакна дека НАТО во моментов нема индикации дека руското нуклеарно оружје е ставено на повисоко ниво на подготвеност од почетокот на војната во Украина.
Исто така шефот на Алијансата го повика Западот да и достави тешко вооружување на Украина.
„На Украина итно и треба тешко вооружување. Западот треба да ги интензивира тие испораки и да се подготви за долгорочен ангажман“, објасни тој.
Столтенберг додаде дека само на тој начин Украина може успешно да се одбрани од руската инвазија.
Неговата порака е дека Украина мора да се подготви за долга војна со Русија, што може да трае со месеци, а можеби и со години.