Источноукраинскиот град Бахмут, во центарот на неколкумесечниот конфликт, кој е под притисок на руската армија и руската паравоена група Вагнер, би можел да падне „во наредните денови“, предупреди денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Не можеме да исклучиме дека Бахмут на крајот ќе падне во наредните денови“, рече Столтенберг на маргините на состанокот на европските министри за одбрана во Стокхолм.
Бахмут е во фокусот на повеќемесечните интензивни борби меѓу Украина и Русија, која се обидува да ја преземе контролата врз областа.
Шефот на руската паравоена група Вагнер денеска изјави дека неговите војници го зазеле „целиот источен дел“ на Бахмут, центарот на борбите во источна Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа во интервју за Си-Ен-Ен изјави дека неговите војници се решени да го задржат тој град и дека падот на градот ќе остави „отворен пат“ за Русите кон другите градови на истокот на Украина.
Шефот на НАТО ја минимизираше стратешката важност на веќе уништениот град Донбас, кој Русија вети дека ќе го освои и покрај големите загуби.
„Ова неизбежно не значи некаков пресврт во војната, но укажува дека не треба да ја потценуваме Русија. Треба да продолжиме да ја поддржуваме Украина“, изјави Столтенберг.