Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски се чини повторно е интересен за Барселона затоа што Каталонците бараат замена за повредениот голман, Германецот Марк Андре тер Штеген, кој ќе отсуствува од зелениот терен до крајот на сезоната поради тешката повреда заработена викендов.
Димитриевски минатово лето се пресели од редовите на Рајо Ваљекано во Валенсија, но моментно кај „лилјаците“ е втора опција затоа што Грузиецот Ѓорѓи Мамардашвили остана во клубот на позајмица, иако потпиша договор со тимот на Ливерпул.
И во минатото Барселона беше заинтересирана за Столе Димитриевски, секако да му ја додели улогата втор голман, па сега кога Ињаки Пења се наметнува да биде „единици“ во таборот на тренерот Флик, гигантот од „Ноу Камп“ повторно се врти кон Македонецот.
Во јануари Барса ќе се обиде да ангажира искусен голман, а Димитриевски е една од најсериозните опции.