Популарната фолк пејачка Стојне Николова (29), која е присутна на сцената уште од својата 15-та година, ја промовираше новата балада ,,На две страни” за која е снимен и видео запис. Како автор на текстот се потпишува Орце Зафировски, музиката е на Борче Димитров, а аранжманот на Бобан Мојсовски.
Кадрите за видео спотот се снимени во Македонија и Германија, под палката на Арт Продукција, а од тимот на Николова велат дека ова е само мал дел од она кое следи од неа, бидејќи веќе секојдневно била во студио и посветено работела на нови музички проекти кои наскоро ќе биле промовирани.
Стојне е една од помладите пејачки на нашата сцена за која колегите велат дека е вистински работохолик и добро знае што сака. Сериозно е посветена на кариерата, а во интервју за „Фокус“ од пред две години, за првпат откри дел од својата приватност и раскажа за своите почетоци, но и за поддршката која ја имала од нејзиниот татко Митко, кого го изгубила на 16 години.
Во тој тежок период, таа не потклекнала, туку собрала сили и продолжила да пее, бидејќи знаела дека и тој така би сакал да биде, да не се откажува од песната никогаш.
– Татко ми ми беше најголема поддршка кога е музиката во прашање, и бидејќи многу млада започнав да настапувам, тој беше со мене на секој настап. На мои 16 години ни се случи трагедијата, и тоа во моменти кога се подготвувавме, требаше да ме носи на настап, сосема ненадејно животот ни се смени од темел. Тој доживеа мозочен удар, си замина неочекувано, пред новогодишните празници.
Морав да продолжам многу бргу по неговата смрт, поради однапред договорените настапи. Тешко беше, но од оваа перспектива, гледам дека подобро е што не направив поголема пауза. Музиката ми дојде како лек, а и татко ми најмногу сакаше да пеам, да не се откажувам од својот сон, раскажа Стојне, која и денес, 11 години по смртта на нејзиниот татко, го исполнува неговиот аманет, а тоа е да не се откажува од музиката.
Во тогашното интервју, таа раскажа дека по трагедијата, на секој настап потоа ја придружувале нејзините браќа.
– Тие дојдоа на неговото место, и преблагодарна сум за се на моето семејство.
Ние имавме навистина тежок период, но заедничката поддршка и охрабрувањето беа клучни да продолжиме напред, откри Николова, која по потекло е од Струмица и зад себе има голем број на авторски песни.
Вики Клинчарова