Македонија денеска во Брисел по 17 години чекање ги започна пристапните преговори за членство во Европската унија. Но, не сите сметаат дека преговорите се навистина започнати.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека денешното случување во Брисел било само една фарса на СДСМ и ДУИ, а преговори нема.
Андреја Стојковски од Институтот „Преспа“ за „Фокус“ објаснува дека преговорите започнуваат со првата меѓувладина конференција.
Преговорите започнуваат со првата меѓувладина конференција! Тоа се случи денес во Брисел и тука нема, ниту пак треба да има, никаква дилема. Има неколку аргументи во корист на оваа теза:
1. Изјавата на ЕУ посочува на историски момент, што би рекло на отворањето на преговорите.
2. Преговарачката рамка посочува на оваа меѓувладина конференција како на почеток на преговорите и упатува на следните чекори.
3. Заклучоците на Советот го користат истиот пример и реферираат на што треба да стори комисијата, вели Стојковски.
Тој додава дека следните чекори се однесуваат на интензивно разменување на мислења и информации низ процесот на објаснувачки скрининг, потоа билатерален скрининг и подготовка на заедничка преговарачка позиција.
Комисијата ќе го стори своето, тука нема дилема, но сега е на нас да продолжиме онаму каде што застанавме. Реформи, гап анализи за да го поддржиме билатералниот скрининг од Комисијата и конечно три патокази и еден акциски план, како и уставни амандмани, вели Стојковски.
Сепак, во случајот на Македонија ЕУ со цел пронаѓање компромисно решение за кревање на ветото од Бугарија, воведе и втора меѓународна конференција, која ќе се случи по внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
Се очекува скринигот за трае од 13 до 18 месеци и во овој период треба да се направат уставните измени за да не дојде во застој во преговорите и за да може да се премине на отворање на поглавјата.
Без промена на уставот нема продолжување на процесот, но и без тоа има многу работи кои теба да се сторат до тогаш, заклучува Стојковски.
К.С.Б.