Повеќето од пациентите што се третираат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија ја примаат потребната терапија, рече денеска директорот на Клиниката – Игор Стојковски.
За оние за кои има недостиг во моментот, рече дека очекува проблемот да се реши во најкраток можен рок.
Лековите што треба да бидат набавени со анекс на претходните договори, Стојковски очекува да стигнат уште во текот на утрешниот ден, а за другите, кои треба да стигнат преку донација, вели дека работат заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Според Стојковски, во моментов има недостиг на лекови, кои се дел од третманот, за 40 до 60 пациенти.
„Само да потенцирам дека повеќето од пациентите што се третираат на Универзитетската клиниката за радиотерапија и онкологија, ја примаат потребната терапија, хемотерапија, радиотерапија и биолошка терапија. Недостасуваат лекови за дел од третманот за околу 40 до 60 пациенти во моментов. Верувам дека во најбрз временски рок ќе ја обезбедиме таа терапија. Од околу пет илјади новорегистрирани пациенти на клиниката, над 95 проценти ја примаат соодветната терапија“, изјави Стојковски.