Поранешниот командант на расформираната Единица за брза интервенција „Лавови“, Горан Стојков бил осуден и денеска спроведен во затворот во Шутка за дело од 2001 година, дознава Фокус.
Според нашите информации, Стојков бил суден бидејќи фалела муниција за време на војната во 2001 година, кога тој учествуваше како командант на “Лавовите” во воените жаришта.
Од кривичниот суд нема официјални информации за што точно му се судело на Стојков и најавија детали за утре. Нејасно е како делото не застарело и ако застарело како сега се активирало повторно.
Според официјалните информации од МВР, Стојков се барал со потерница и бил уапсен на бензинска станица на булевар “Србија”, а се барал за злоупотреба на службената положба и овластувања.
-На 16.12.2021 во 16:15 часот полициски службеници од Оперативен тим Потраги на бензинска пумпа на бул.”Србија” во Скопје го лишија од слобода Г.С. (51), роден во Струмица, а со адреса на живеење во Скопје, кој бил баран со потерница по наредба од Основен Суд-Скопје 1 вв чл.353 ст.3 од КЗ на РСМ, за казна затвор од една година. Лицето е предадено во КПУ Затвор Скопје-Скопје за издржување на казната, велат од МВР, се вели во соопштението на МВР.
Од затворот во Шутка за Фокус потврдуваат дека Стојков се наоѓа во приемното одделение, а според нашите информации, по него била распишана потерница оти не се јавил на време да ја одлежи затворската казна.
Стојков беше осуден во случајот „Шпион“ на 9 години затвор, а со пресуда на Апелацискиот суд казната му беше намалена на 3 години и 3 месеци затвор. Казната во целост ја отслужи во 2016 година.
Во „Шпион“ беа осудени 17 лица, за шпионажа, за изнуда и за уцена.
Стојков е поранешен командант на расформираната Единица за брза интервенција „Лавови“ која се формираше во 2001 година.
Ф.Ф.С.