Секој политичар треба да сноси одговорност за она што го изјавува. Таквите изјави се најмалку европски и воопшто не одат во прилог на еден ваков убав настан како што е овој денеска, изјави министерката за култура Бисера Kостадиновска-Стојчевска на денешното отворање на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање во врска со иредентистичките изјави на бугарскиот пратеник и лидер на националистичката партија Преродба, Костадин Костадинов.
Костадинов, кој присуствуваше на денешното отворање на бугарскиот Културно-информативен центар, на почетокот на месецов изјави дека „Македонија е втора бугарска држава на Балканскиот Полуостров“ и се заложи „за обединување“ на земјава со Бугарија.
– Преродба работи на обединување на двете бугарски државни формации во една заедничка држава. Патот до ова обединување е целосна економска, културна и политичка интеграција, што ќе доведе до обновување на нарушеното единство на бугарската нација и ќе ја направи Бугарија најголема и најсилна земја во Југоисточна Европа, изјави во таа прилика Костадинов.