По повод сторијата објавена во последниот број на неделникот „Фокус“ за преселбата на рускиот капитал на Балканот по отпочнувањето на таканаречената специјална воена операција во Украина, при што не е заобиколена ниту Македонија, новинарот на „Фокус“ и автор на текстот Влатко Стојановски гостуваше во емисијата „Трилинг“.
–Соседна Србија не се приклучи на санкциите кон Русија, но ист број на фирми (над илјада) се основаа и во Црна Гора, земја кандидат на ЕУ и членка на НАТО, која, пак, се приклучи кон санкциите што сукцесивно се изрекуваат кон Русија. Ние дојдовме до податоци дека кај нас има над 80 фирми во чија сопственичка структура има сопственици кои се или фирми со седиште во Русија или има содружници кои се руски државјани – вели Стојановски.
Но, тој потенцираше дека реалниот број на руски фирми е доста поголем, со оглед дека, како што посочи, многу фирми со руски капитал делуваат во државава преку трети земји кои важат за класични оф-шор земји или за специфични јурисдикции што овозможуваат даночни и друг тип на финансиски олеснувања.
–Откривме дека има одреден број на руски фирми кои се формирани и по избувнување на војната во Украина. Тој број не е голем како во Србија и Црна Гора, но сепак, и покрај нашето јасно позиционирање против воената агресија, многу руски бизнисмени се уште ја сметаат Македонија како солиден терен што овозможува поволен амбиент за нивните бизнис-активности – вели Стојановски.
„Фокус“ објави дека моментално во земјава има 84 активни правни субјекти, во чија сопственичка структура има други руски компании и/или руски државјани, од кои 10 се формирани годинава, а 8 од нив по руската инвазија во Украина. Станува збор за компании кои претежно се заминаваат со информатичка технологија, меѓутоа дел од нив припаѓаат и на секторите за иновации, образование, трговија, маркетинг, угостителство, како и градежнижништво.