Стојановска за „Фокус“: Ова беше голем товар кој неправедно го носев на мојот грб

by fokus

Актерката Силвија Стојановска денеска на повторното судење доби ослободителна пресуда за делото за кое претходно беше осудена: шверц на кокаин.

Таа во изјава за „Фокус“ вели дека конечно се ослободила од товарот кој неправедно го носела.

Ова беше голем товар кој неправедно го носев толку време, конечно симнат од мојот грб. Се надевам дека ќе можам да заборавам и да продолжам со мојот живот.

Во однос на прашањето дали очекува наскоро да му се врати на актерството, вели дека времето ќе покаже.

Ќе видиме, времето ќе покаже. Јас сум истата Силвија или барем се надевам дека ќе бидам. Ова е не знам кое по ред премрежје кое ми се случува во животот. Но, се ќе биде добро, заклучува Стојановска.

Претходно Апелациониот суд донесе одлука да го врати на повторно судење предметот во кој актерката Стојановска со првостепена пресуда беше осудена на три и пол години затвор поради делото кое и се става на товар: шверц на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија.

Во интервју за „Фокус“ дадено во февруари годинава, Стојановска рече дека не знаела ништо за дрогата, а доказите на Судот на ниту еден начин не ја докажуваат поврзаноста со делото.

 Доказите кои ги имаше доставено обвинителката  ги добив дури на крајот на судењето. Ниту една од тие 2000 страници не е доказ за сторено кривично дело во кое јас сум учествувала. Заради тоа, таа не сакаше да ги презентира како содржина, туку само ги наведуваше како наслови. Да појаснам: Кога ќе чуете дека за некоја работа има над 150 докази, тоа изгледа многу сериозно. Но кога ќе ја прочитате содржината на тие докази, ќе видите дека нема ништо. На пример: Силвија платила 14000 динари за престој во хотел во Белград од 21ви до 30ти јуни 2019. Во контекс на обвинителниот акт, ова наведува да помислите дека кој знае за каков криминал сум била таму. А всушност бев на свадбата на мојата ќерка. И така е со сите докази против мене. СИТЕ!, изјави тогаш Стојановска.

К.С.Б.

 

Поврзани новости