Ќе биде направена епидемиолошка анкета на пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ, која вчера на својот фејсбук-профил објави дека е позитивна на Ковид-19. Таа ќе ни каже, можеби не во Собрание, можеби дома или на друго место имала ризичен контакт. Ова денеска за МИА го изјави директорот на Центарот за јавно здравје, Александар Стојанов.
Петровска на својот ФБ профил синоќа објави дека попладнето ненадејно добила зголемена температура и омалаксаност, додека била на седница на Собрание и оти по тестирањето добила позитивен резултат на корона вирус.
– Штом се регистрира позитивен случај во приватна или во државна лабораторија резултатите доаѓаат во Институтот за јавно здравје, кој ги дистрибуира до центрите за јавно здравје. Значи, штом го добиеме името, презимето, телефонскиот број, матичниот лекар, епидемиологот се јавува на Славјанка Петровска и ја анкетира и таа ни ги кажува контактите, рече д-р Стојанов.