Стојанче предлага убивање на „хуман“ начин на агресивни кучиња, од Анима Мунди му порачаа дека неговата изјава е несреќна!

by Fokus

Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), на прес конференција информираше дека нападите на кучиња во последните години станале загрижувачки, и потребно е изнаоѓање на решение на проблемот.

Како што појасни, во последните три години биле пријавени 3.660 напади од кучиња врз луѓе, а околу 500 од нападнатите биле деца. Сите кои доживеале напад од куче, истиот можат да го пријават на телефонскиот број 112, со цел МРВ да преземе конкретни мерки, но алармантни биле и податоците околу тоа колкава сума им се исплаќала на граѓаните во име на оштета поради нападот. Општините се тие кои ја исплаќаат оштетата на нападнатите граѓани, а во Скопје тоа е ЈП Лајка.

Како што кажа Ангелов, тоа и предизвикувало на Лајка сериозен проблем, бидејќи биле принудени голем дел од нивниот буџет да го потрошат на исплата на оштета на каснатите и повредени граѓани.

-Токму поради тоа, составивме работна група која разгледува можни решенија. Потребна е силна акција на сите институции! Прва солуција е сите агресивни кучиња да бидат тргнати од улица и да се изврши еутаназија. Агресивните кучиња, освен во случај ако некој сака да ги вдоми и ресоцијализира, ако никој не сака да ги вдоми, истите ќе бидат еутанизирани, односно на хуман начин убиени- рече директорот на ЦУК.

Од Здружение за заштита на животните Анима Мунди реагираат поради оваа негова, како што ја нарекоа, несреќна изјава.

-Реагираме повод вчерашните објави за зголемен број напади на кучиња во државата и несреќната изјава на директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов за еутаназија на оние животни кои ќе се наведат како агресивни. Велиме наведат, бидејќи искуствата ни докажуваат дека 95% од бездомните кучиња заловени во стационарите како такви, се мирни, социјализирани, игриви и вдомливи, но некој ги пријавил дека нападнале. Пријавени се без доказ кој би го поврзал конкретното животно со нападот, по изјава, често со траги кои укажуваат на повреда- но не и угриз, поткрепени со изјава од доктор дека станува збор за куче иако во голема мера тоа не може да се потврди –појаснуваат од здружението.

Додаваат дека живееме во еден кородиран систем и во време на комплетен социјален крах, сиромаштија каде, во голема мера се користи секоја можност за стекнување финансиска корист особено во околности каде што лесно се лажира и обезбеди отштета од средствата на градот.

-Затоа е зголемена бројката пријави, затоа што исплатата од буџет, наспрема приватно тужење на сопственик е и тoa како поизвесна. Се извинуваме и искрено сочувствуваме со граѓаните кои навистина биле жртва на напад за ова тврдење, не ги ставаме никако сите во ист кош – но ова прашање мора итно да се третира, и секој случај поединечно темелно да се истражи, а институциите да сторат се од себе овој проблем да се стави под контрола:

1) преку најстроги забрани за напуштање, неконтролирано размножување и дефинирани одговорности, строги казни 2) наменат доволни средства за спроведување масовна и брза стерилизација на животните на улица. Така се гледа грижата кон граѓаните, така се решава проблем кој е важен од етичка, здравствена, безбедносна, економска природа – а никако не со убивање на животните!-апелираат од Анима Мунди.

За проблемот со пријавени каснувања и напади од бездомни кучиња, „Фокус“ пишуваше во повеќе наврати. Потсетуваме на интервјуто од минатата година со сега веќе починатиот Ристе Гиовски, дресер на кучиња и сопственик на Пансион Гиовски Тим, кој со години наназад беше задолжен за заловување и стручен третман на бездомни кучиња во Општина Велес.

Во интервјуто тој откри шокантни детали за наводни напади од кучиња, кога голем број на граѓани, со цел да добијат оштета од општината, сума од 50.000 денари лажно пријавувале дека се жртви на напад.

-Не можам да ви објаснам што се случува во градот, неверојатно е, но сепак тоа е вистината. Голем број на граѓани се научија дека можат да дојдат до лесно спечалени пари на сметка на бездомните кучиња, па се самоповредуваат и пријавуваат дека ги каснало куче. Секогаш излегуваме на терен по пријава, ретко кој го посочил кучето кое го каснало. И да биде уште поиронична целата ситуација, јас со раце ги заловувам уличните кучиња. Ако тоа се агресивни животни, не би било можно такво нешто, ќе треба да употребиме стрелка, да ги успиеме. Не знам какво решение може да се најде за овој проблем, водени од желбата за брза заработка луѓето се подготвени на се. Како ќе утврди лекарот дека раната е од забите на кучето, а не од клешта или друг остар предмет? Еве, повелете и самите истражете, искинете си стари фармерки, изгребете се, одете на лекар. Без проблем ќе биде евидентиран случајот како каснување од куче, ако така тврдите пред лекарот. Не е ова наивна работа, големи суми на пари се во прашање. Спогодбено се исплаќаат по 50.000 денари, а пак оние кои тужат, добиваат уште повисоки суми на пари. Не им е грижа што ќе мора да примат безпотребно и вакцина, на се се спремни – раскажа дресерот во интервјуто.

Тогаш откри и дека во градот имало дури неколку адвокати на кои специјалност им биле тужбите поради каснување од куче. Во 2020 година Општина Велес исплатила дури 2.673.481 денари, а пак во 2019 година биле исплатени 2.266.014 денари на искасани или нападнати граѓани.

Според Ангелов пак, во последните три години во Скопје имало 1.853 напади од кучиња, во Кичево – 439, Велес – 250, Струга – 177, Тетово – 170, Битола – 149, во Прилеп – 122, Гостивар – 98, Куманово – 75 и Охрид – 50. Ако се направи пресметка, за последните три години, за вкупно пријавени 3.660 напади од кучиња, за кои оштетата изнесува околу 50.000 денари, излегува дека на нападнатите граѓани им биле исплатени 183 милиони денари.

Од Анима Мунди порачаа дека кучињата на улиците се жртва на институционалнатна инертност и човековата негрижа, децениски убивани во Македонија на илјада и еден начин, по илјада и една основа, но убивањето не може да биде решение.

Вики Клинчарова

Поврзани новости