Андов беше економист, политичар, општественик, писател и публицист, кој многу години беше и колумнист на неделникот „Фокус“. На преминот од 2022 кон 2023 година, тој ги објави последните 3 колумни, во кои даваше предлози како да се дојде до подобар Устав, како да се подобри државната администрација, како да се спречат злоупотреби на јавните пари… Според него, главна причина на криминалот со јавните набавки е партиската алчност.
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
На 18 јуни оваа година, на 89-годишна возраст почина Стојан Андов, економист, политичар, општественик, писател и публицист, кој остави длабока трага на политичката сцена уште во федеративна Југославија, а беше дел од сите клучни процеси при осамостојувањето на македонската држава и нејзиното геополитичко етаблирање кон ЕУ и НАТО.
Андов е роден во 1935 година во Кавадарци. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Белградскиот универзитет. Извршувал повеќе републички и сојузни општествено-политички функции во поранешна Југославија.
Во 3 мандати бил член на Сојузниот извршен совет во Белград, претседател на Сојузната комисија и вонреден и ополномоштен амбасадор на поранешната Социјалистичка федеративна република Југославија во Ирак, функција што ја извршува од 1987 до 1991 година.
Тој беше признаен како политичар од времето на поранешна Југославија, ориентиран кон пазарната економија, искусен политички преговарач во современиот политички амбиент и особено се истакнуваше во преговорите со странските експерти од областа на економијата, политичкиот систем и човековите права.
Забележана ќе остане неговата улога на преговарач во контактите на поранешна СФРЈ со експертите на Европската економска заедница (сега Европска Унија) во периодот од 1971 до 1987 година. За време на вршењето на своите функции оствари средби со голем број светски политичари и учествуваше на меѓународни настани од голема важност за државата.
Инаку, претседателот на реформските сили на Југославија, Анте Марковиќ го назначи Андов за главен координатор во формирањето на Сојузот на реформските сили на Македонија по што стана основач и водач на политичката партија Реформски сили – Либерална партија.
Како претседател, тој ја водеше партијата сè до нејзиното спојување со Демократската партија на Петар Гошев во 1997 година, кога е избран за претседател на новоформираната Либерално-демократска партија (ЛДП). Бил избран и за потпретседател на Либералната интернационала.
На првите повеќепартиски избори во 1990-та година, тој беше избран за пратеник во Собранието на Република Македонија и стана претседател на Собранието во јануари 1991 година, поради што ќе остане запишан во македонската историја како прв претседател на Собранието во повеќепартизмот.
Во таа улога како прв собраниски спикер, тој се јавува како потписник на клучни документи, почнувајќи со Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија од 25 јануари 1991 година, преку одлуката за распишување референдум за независност, Декларацијата за прифаќање на референдумските резултати, првиот демократски Устав на Македонија од 17 ноември 1991 година и Декларацијата за меѓународно признавање на Македонија како самостојна и независна држава од 19 декември 1991 година.
Практично, Андов претседаваше со првиот состав на демократското македонско собрание во еден турбулентен период, кога истовремено земјата се соочи со неколку огромни преобразби.
Првиот процес беше осамостојувањето, кога Македонија од членка на федерација, стана независна држава. Втората трансформација беше преминот од социјализам и еднопартиски систем во повеќепартиска демократија. И третиот процес беше премин од самоуправниот социјализам во пазарна економија.
На вторите повеќепартиски избори 1994 година, тој повторно беше избран за републички пратеник и за претседател на Собранието – должност што ја извршуваше до март 1996 година. Беше избран за пратеник и во парламентарниот состав на изборите во 1998 година.
По неуспешниот атентат на претседателот Киро Глигоров на 3 октомври 1995 година, Андов привремено ја вршеше и функцијата претседател на Република Македонија. Подоцна беше и кандидат за претседател на претседателските избори во 1999 година, но не успеа да се пласира во вториот круг.
По политичките превирања, како резултат на одлуката на Демократска алтернатива на Васил Тупурковски да ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски, Андов и неговата Либерална партија ја поддржаа владата, а Андов повторно стана собраниски спикер, извршувајќи ја оваа функција и за време на конфликтот во 2001 година.
Андов се занимаваше и со теоретски прашања од областа на економијата, со публицистика и со книжевност. Автор е на повеќе книги од економскиот и политичкиот систем, како и од областа на книжевноста. Фален и оспоруван, тој не остави никого рамнодушен, а денес речиси никој не го оспорува неговиот државнички карактер и придонес.
Воедно, тој многу години беше колумнист на неделникот „Фокус“, а последно објави серијал од 3 колумни на преминот од 2022 кон 2023 година, во кои даваше предлози како да се дојде до подобар Устав, како да се подобри државната администрација, како да се спречат злоупотреби на јавните пари.
За што поточно пишуваше Андов?
ПОДОБАР УСТАВ
Испровоциран од дискусијата во парламентот при изборот на втората влада на Зоран Заев во 2020 година, која одеше во насока дека потребно е намалување на бројот на пратеници, што, за волја на вистината, го најавува и сегашната власт на Христијан Мицкоски, Андов ја објави колумната „Преку словенечкото и грчкото искуство до подобар Устав“.
„Мислењето на Павле Трајанов за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90 може да биде насочување на работата на некоја идна комисија, со тоа што таа дополнително би можела да го проучи словенечкото искуство.
Ова го велам бидејќи и словенечкиот парламент се состои од 90 пратеници, колку што заговараше пратеникот Трајанов. Треба добро да се проучи словенечкото искуство затоа што беше создавано во неколку наврати.
Словенците уште во СФРЈ, есента 1989 година, создадоа уставни услови за повеќепартиско собрание, утврдувајќи го и бројот на пратениците во повеќепартиски систем.
Тој Устав, колку што ми е познато, неколкупати е дополнуван, а на 28 декември 1991 година беше последната позначајна промена на словенечкиот Устав.
Се разбира, ако ние така рано како Словенците уште во рамките на еднопартискиот систем почневме да работиме на Уставот, да донесувавме некои мали, но многу важни промени, веројатно и денес ќе имавме подобар Устав од овој што го имаме.
Секако, само од материјали и книги не може да се усвојат на задоволително ниво искуствата на Словенците. За тоа е потребно членови на работна група од опозицијата и од власта да ја посетат Словенија, да обезбедат делотворни разговори и размена на искуства и да согледаат што може да се направи во изготвувањето на промени на нашиот Устав.
Словенечкото искуство е корисно за нас, но не е доволно. Наша работна група пратеници треба да проучи и искуства на некои други држави.
Нашите професори по уставно право, какви што, за среќа, сега имаме во парламентот, што теориски добро ја познаваат проблематиката на уставното уредување на државите со вековно парламентарно искуство, би требало да имаат носечка улога во промените на Уставот.
Ама нас ни е потребно и искуство и на некоја од поблиските држави. За нас многу би значело ако работна група, што овде заговарам да се основа, да воспостави контакт со парламентот на Грција.
Грците имаат искуство од уште малку, па два века. И Уставот што го имаат во целиот тој период е поправан и дотеруван. Идејата ми е, претседателот на нашата влада да го замоли својот грчки колега тие двајцата, секој во својата земја, да поттикнат соработка на парламентите.
Притоа, грчкиот парламент да прими посета на пратеници-експерти од нашиот парламент. Нашето искуство можеби не е поучно за Грците, ама грчкото искуство нам многу би ни помогнало.
На крајот на краиштата, такви форми на приближување на институции од двете земји се посакувани за зголемување и на разбирањето меѓу двете земји.
Грчкото парламентарно искуство и денешната практика значајно се разликуваат од словенечкото искуство и затоа за нас може да биде драгоцено“, пишуваше Андов.
Според него, помалобројна, поквалитетна и поевтина државна власт ќе дејствува стабилизационо на вкупното однесување на сите оние што имаат плата и создаваат трошоци покривани од буџетот.
„За жал, иако некои пратеници од опозицијата отворено поддржуваа промени на Уставот, не се изјаснија за предлогот на пратеникот Трајанов. Доколку го поддржеа на таа седница, ќе се добиеше впечаток дека по едно многу крупно прашање постои блискост меѓу ставовите на власта и опозицијата.
Основниот проблем со кој и сега се среќаваме во политичкиот живот е непостоењето точки на блискост што би можеле да доведат и до повисоко ниво на соработка и способност на Собранието да решава проблеми што бараат и двотретинско мнозинство, како што се амандмански поправки на Уставот.
Нашиот Устав, кога го донесовме, содржеше 124 членови. Во меѓувреме се донесени 36 амандмани. Од нив, 15 амандмани со кои е спроведен Охридскиот рамковен договор, за што фактички имаше и меѓународна подршка.
Исто така, и амандманите донесени за спроведување на Преспанскиот договор, исто така акт од меѓународен карактер, изготвен и донесен во согласност на Одлуката на Советот за безбедност на ОН.
Сите други области на уставната материја треба да бидат анализирани и да се утврди дали соодветствуваат и дали се потврдиле во практиката во овие 29 години.
За создавање платформа за изготвување амандмански промени на Уставот потребно е да се постигне согласност и да се формира комисија од парламентарци од парламентарното мнозинство и опозицијата.
Тие би требало да ги утврдуваат ставови во групата, по можност со консензус, бидејќи ваков опфат за дотерување на Уставот на Република Северна Македонија доаѓа 29 години по неговото донесување.
Стекнатите искуства можат да послужат како основа на консензуално определување на експертите – пратеници за оваа материја.
Се разбира, за таа цел е потребно да се проучат и искуства на други земји, и тоа многу потемелно отколку што беше случај во 1991 година кога се донесуваше Уставот“, пишуваше Андов.
ДЕПАРТИЗИРАНА АДМИНИСТРАЦИЈА
Веќе во следната колумна една седмица подоцна, Андов пишуваше „Како до департизирана и професионална државна администрација“, при што наведува дека во Уставот и законите треба доволно јасно да се разграничат решенијата за избраните и именуваните функционери.
Како што посочи, избраните функционери мора да добијат и непосредна доверба од граѓаните, а именуваните функционери треба да бидат професионалци што произлегуваат од системот на напредување во државната администрација.
„Тој принцип треба да важи од приправник во администрацијата до државен секретар или директор на јавни претпријатија и фондови. Сите тие службеници во државната управа не може да се членови на политичка партија и политички на кој било начин да не се активни.
Тоа значи да не се членови на партијата, а потоа да не се впуштат во политички разговори и убедувања со граѓаните во јавноста или со своите колеги.
Тука се вклучува и ставот – државен службеник да не смее финансиски да помага политичка партија (да не плаќа членарина и да не дава донации на која било политичка партија).
На личноста за која ќе се утврди дека на кој било начин ги прекршила овие принципи, да ѝ престане работниот однос како државен службеник.
Државен службеник може да членува во Синдикат и во други професионални организации.
На конкурс за слободно место за приправник, па сѐ до државен секретар и генерален директор на јавни претпријатија и фондови, да можат да се јават граѓани, а тие што ќе бидат примени или избрани, а биле членови на некоја политичка партија, мора да го откажат членството во партијата.
Државните службеници треба да бидат заштитени од мобинг и секој вид малтретирање во работата, особено ако мотивите за притисоците врз државните службеници се политички мотивирани или по некоја друга основа.
И во едниот и во другиот случај, притисоците врз државен службеник да се сметаат за кривично дело, а ако се политички мотивирани, да се сметаат за кривично дело за кое се изрекува и казна затвор.
Терминот државни службеници подразбира лица што се во државна служба во министерствата, државната администрација, во полицијата, противпожарната служба, финансиската полиција, во армијата, судството, здравството и образованието, царината, јавните претпријатија и фондови и слично.
Со закон треба да се одреди на кои државни функции државните службеници, покрај државјанство на Република Северна Македонија, да не смеат да имаат и државјанство на друга држава и да се определи каде и под кои услови може да биде ангажирано лицето што има и странски државјанство на друга земја.
Државен службеник, како и сите граѓани, има право да се кандидира за пратеник, градоначалник и слично, но со кандидатурата му престанува работниот однос во државна служба.
Овие решенија се потребни за да се ослободи државната управа од „железната прегратка“ од партиите. Покрај овие решенија, потребно е државниот службеник секоја година да поднесува прецизен извештај за својот имот, финансиските приходи и нивните извори.
Ако надлежните органи утврдат некое намерно прикривање промени во имотната состојба на државните службеници, тогаш со судска одлука треба да му се одземе непријавениот имот и да му престане статусот на државен службеник“, напиша Андов.
Тој посочи дека службениците од државната администрација добиваат плати од државниот буџет или од придонесите (пр. за здравство итн.), а буџетот се полни со пари од џебовите на сите граѓани, без оглед дали се членови на победничка партија, на опозициска или не се членови на политичка партија.
„Таа суштина на финансирањето, државната администрација ја одвојува од политичкиот дел од системот, како што се владата, министрите и пратениците.
Сегашната состојба многу се разликува од овој систем на државна администрација што овде го предлагам. Ситуацијата, во сегашните услови, на партијата што доаѓа на власт ѝ „дозволува“ во државната администрација да инсталира свои партиски војници.
Меѓутоа, во тој систем настапуваат тешкотии кога доаѓа до смена на власта. Кога партијата што била до тогаш на власт ги изгубила изборите и минала во опозиција, а друга партија-победник, што има силна желба сега, ги има можностите да инсталира свои партиски послушници во составот на државната администрација.
Тоа сега се прави така што кога партијата доаѓа на власт, се согледува состојбата што во постојната државна администрација е особено привлечно како работна позиција, кои функции имаат влијание врз протокот на пари, и државните службеници кои во тој период се на тие функции, се заменуваат со партиски војници на победникот на изборите. И така во недоглед.
Бидејќи, сепак, не можат секого да сменат од државните службеници, поради разни околности, тогаш победникот измислува нови функции во државната администрација на кои им префрла овластувања од веќе постојната државна служба. Таквиот систем доведува до збрка во надлежностите и до енормно зголемување на администрацијата.
Се создава систем во кој при секое доаѓање на власт на друга политичка партија, делумно се заменуваат еден број државни службеници, им се наоѓа некоја маана за да ги избркаат, а делумно, пак, во постојните државни функции се земаат делови, се измислуваат додатни административни единици што ја зголемуваат бројноста на администрацијата, а ја отежнуваат постапката и ја смалуваат ефикасноста во државната служба“, напиша Андов.
ЈАВНИ НАБАВКИ
На крајот, во последната колумна објавена во неделникот „Фокус“, пред да бидеме известени дека здравствената состојба не му дозволува Андов да продолжи со редовното пишување, тој порача: „Партиите да го изгубат пристапот до буџетските пари за јавни набавки!“.
Впрочем, тој се осврна на, како што вели, материјалните процеси што ќе треба да се остваруваат во реформираната државна власт и реформираната државна администрација.
„На прво место, во тој поглед, доаѓаат јавните набавки. Немам сега пред себе точен износ на јавните набавки во одреден мандатен период на власта, но сигурен сум дека се работи за огромни суми издвоени од буџетот на државата.
Во јануари 1995 година, членот на владата на премиерот Бранко Црвенковски, за кој и јас и претседателот Киро Глигоров мислевме дека треба да се занимава со соработката со ЕУ, имајќи го во вид неговото формирање како високообразована личност, Сашо Стефков, поради службена потреба на татко му, кој подолго престојуваше како претставник на едно македонско надворешно трговско претпријатие во Париз, а потоа во Брисел, стекнал средно образование таму, а речиси исто беше и со неговото високо образование. Нему му беше полесно да контактира со функционери на ЕУ и поради некои сугестии и од мене.
Министерот Сашо Стефков тогаш поднесе иницијатива до владата и презеде обврска да изготви нацрт-закон за јавни набавки. Тоа во Владата беше оценето како бесмислица, самоволие и парадирање на Сашо Стефков, кој инаку беше од Либералната партија.
До оваа идеја, како и во социјализмот, за јавните набавки нашата власт – и владата на Кљусев и на Црвенковски во првиот мандат – немаа поим, не знаеја дека нешто такво постои.
Како и во социјализмот, министрите и од владата на Кљусев и на Црвенковски си набавуваа што оцениле дека им е потребно во министерствата и си го плаќаа тоа од буџетот, без да се води сметка за тоа дека се работи за државни пари“, пишуваше Андов.
Понатаму, тој додава дека во исто време кога Стефков го поднел споменатиот предлог, во јавноста се пробила вест дека за некоја телефонска централа во Министерството за финансии, која можела по некои проценки да се купи за 5 до 10 илјади марки, а тогашниот министер за финансии Јане Миљовски ја купил за некаде преку 70.000 марки.
„Миљовски се бранеше од нападите и ги напаѓаше либералите дека јавно го
кодошат, а не се замисли за суштината на проблемот, иако како министер за финансии тоа требаше прв да го согледа.
И така закон за јавни набавки во Македонија не се донесе долго време. А како „поука“ од таа епизода, премиерот Црвенковски, надлежноста за односите со ЕУ му ја одзеде на Стефков и му ја предаде на Миљовски.
Многу подоцна, кога веќе бевме во пензија и јас, и Јане Миљовски, во еден пријателски разговор, во присуство на уште неколкумина, на седенката по повод празникот Света Мина кај нашиот познат уролог Сашо Ставридис, Јане Миљовски мошне ми се пожали за ситуацијата во која се нашол во јануари таа 1995 година, кога Бранко Црвенковски му рекол дека понатаму нема да е Сашо Стефков, туку тој задолжен за односите со ЕУ.
Јане не знаел од каде да почне. Отишол кај претседателот Глигоров, со кој дотогаш доста добро соработуваше, особено на изготвувањето и донесувањето на Законот за приватизација, и побарал помош да му даде некои насоки, како да ја тера новата обврска што му ја дал Црвенковски.
Јане многу се изненадил кога Глигоров му рекол дека тој нема што да му каже. Туку му сугерирал да го праша за тоа Сашо Стефков, а на Јане му паднало непријатно таквото упатство и едноставно многу тешко се снаоѓал во бриселскиот лавиринт“, пишуваше Андов.
ПОУЧНИ ТЕКСТОВИ
Денес, истакна Андов, имаме закон за јавни набавки за министерствата, за јавните претпријатија и за јавните фондови, додека времето на Никола Груевски ќе биде запаметено, меѓу другото, и по самоволијата преку комисиите за јавни набавки, за што сѐ уште се водат сложени судски спорови.
„Типичен случај за тоа е енормно голема сума за јавни набавки што му била исплатена на познатиот бизнисмен Силјан Мицевски за измирување на обврските за ископ на откривките во рудникот на РЕК Битола.
А такви примери има повеќе за кои се водат спорови, има и такви што не се зафатени со судски гонења, а за некои, пак, завршија споровите и донесени се судски одлуки.
Тука спаѓаат аферите што се поврзуваа со оставката на директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев. Не навлегувајќи во суштината на тој спор, самото сомневање зборува за голема несигурност и неизвесност во располагањето со парите на граѓаните во Фондот за здравство.
Едно време се прочу и една вест за набавка на маски, неопходни и за граѓаните и, пред сѐ, за здравствените службеници, (медицински сестри, доктори, професори на Медицински факултет, директори на клиники итн.) дека се набавени по цена, која 4 до 5 пати е повисока од онаа нормалната на пазарот.
Такви работи не добиваат судска завршница, ама којзнае што ќе се случи ако дојде до промена на власта. Тоа, пак, зборува за нејасен однос и на власта кон оваа форма на организиран криминал што произлегува од системот на лошо контролирани јавни набавки.
Овде ќе го изнесам моето мислење за тој проблем, бидејќи главна причина на криминалот со јавните набавки е партиската алчност.
По предлогот што го изнесов за државната администрација, според кој не може да биде државен службеник ако е член на партија, се олеснуваат работите и непосредниот партиски притисок во јавните набавки со време не ќе биде лесно да се остварува.
Но, сепак, мислам дека на јавните набавки треба да се посвети уште поголемо внимание. Треба многу да се внимава кои луѓе со совесност си ја вршат редовната работа и можат да бидат и членови и претседатели на комисиите за јавни набавки“, предупреди тогаш Андов.
На крајот, тој во овој контекст го споменува и неделникот „Фокус“, посочувајќи дека речиси секоја недела открива случај за сомнително трошење на буџетските средства преку јавни набавки.
Според него, сите тие текстови се многу интересни, ама и поучни и треба да се читаат и врз основа на согледувања да се бараат и решенија.
„Сите партии на власт, и ВМРО ДПМНЕ, и СДСМ, и ДУИ изгледа во коалициите, преку кои владееја, имаа посебни договори кој колку ќе се офајди од јавните набавки, ќе дрпне, се разбира прво за партијата и луѓето од раководството од партијата, но и за нивните приватни џебови.
Се поставува прашањето како практично да се изведе ова нужно решение во нашата држава? За тоа е потребно да се искажат луѓе што се запознаени со оваа материја, а, сепак, не си ги извалкале своите раце.
За тоа се чини се потребни посебни прописи со кои многу ќе се води сметка како пристапот на партиите, особено на владејачките партии, до буџетските средства потребни за јавни набавки да се спречи.
Овој проблем е од големо значење и гледам подолго време „Фокус“ му посветува големо внимание, открива речиси во секој број некој нов случај, што е всушност скандал околу јавните набавки. Сите тие текстови се многу интересни, ама и поучни и треба да се читаат и врз основа на согледувања да се бараат и решенија.
Што значи овој проблем на јавните набавки, колку е голем, може да се види од големината на јавните набавки во јавните претпријатија, како ЕЛЕМ, посебно РЕК Битола, потоа Пошти, Државните резерви за оние стоки за кои по закон е предвидено да постојат, Фондот за здравство и државните клиники.
Потоа набавките за Фондот за патишта и сите други фондови и набавки во министерствата, јавните претпријатија и установи што постојат кај нас.
Ние имаме искуство со државната Антикорупциска комисија за борба против корупцијата. Тоа искуство треба да ни биде патоказ како да се решат и проблемите околу јавните набавки, кои фактички се плаќаат од буџетот и од јавните фондови“, заклучи Андов.
Комеморативна седница во Собранието
АНДОВ БЕШЕ ПРВИОТ ДЕМОКРАТСКИ ИЗБРАН МАКЕДОНСКИ ФУНКЦИОНЕР ПО ОСАМОСТОЈУВАЊЕТО!
По повод смртта на Стојан Андов, во Собранието се одржа комеморативна седница, на која се обрати претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
– Првиот демократски избран македонски функционер по осамостојувањето, државник, политичар, економски експерт, дипломат од висок ранг, политиколог, новинар, публицист, писател, кој ја промислуваше македонската и меѓународната сцена, притоа што за мене е од особена важност, и за културниот идентитет за македонскиот народ, соживотот на сите македонски граѓани без разлика на нивната верска, идеолошка и национална припадност, соработката со соседите и светот врз односи на рамноправна основа, давајќи голем придонес на културата на сеќавањето како предуслов за подобро утре на сите.
Не можам, а да не потсетам дека мирното раздружување од Југославија, меѓу другото, им го должиме и на државниците, како Глигоров, Петар Гошев, Стојан Андов, Абдурахман Алити и требаше да помине многу време за да ја видиме нивната вредност. Замина угледен сојузен функционер во поранешната заедничка држава, дипломат кому му се доверуваа најсуштествените задолженија на меѓународен план, кој беше член на сојузните влади во два мандати, кој го прекстари светот како задолжен за односи со земјите во развој и со Европската економска заедница – рече Силјановска-Давкова.