Стоилов: Да не се лажеме, Веспрем е апсолутен фаворит!

by fokus

Во пресрет на неделниот дуел со Веспрем во ракометната Лига на шампиони, капитенот на Варддар, Стојанче Стоилов, фаворитската улога им ја препушти на гостите од Унгарија.

– Знаете каква е ситуацијата во Вардар. Ростерот е тој. Веспрем е апсолутен фаворит, да не се лажеме. Нам ни останува да се бориме и да не ја разочараме публиката. Играме со тоа што располагаме. Не можеме да подготвиме нормална одбрана за овој меч. Многу од играчите се повредени. И голманите реално не се на ниво, но и целата одбрана воопшто. Не е вината само кај голманите. Ние сме тим. Тоа е ростерот и со тој ростер треба да играме до крај, потенцира Стоилов на денешната прес-конференција.

На малиот број играчи за ротација се пожали и тренерот Едуард Кокшаров.

– Имаме многу проблеми и нема смисла стално да зборуваме за тоа. Ги немаме Дисингер и Кристопанс, двата главни играчи за одбраната 6-0. Се надевам дека тие што ќе добијат можност да бидат на теренот, со поддршка од нашите навивачи ќе успеат да дојдат до позитивен резултат, рече тренерот Едуард Кокшаров.

Натпреварот Вардар – Веспрем, од 10. коло од ЛШ, се игра в недела во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17 часот.

Поврзани новости