Партискиот портпарол, Наум Стоилковски, на новинарско прашање, дали поранешниот градоначалник Коце Трајановски ќе влезе во нова трка за Скопје или партијата ќе оди со ново име, не сакаше да шпекулира со имиња.
-Сè уште не се завршени конкретните детали за избор со коишто можеме да излеземе во јавноста, треба да поминат во партиските структури. Има и внатрешна и надворешна анкета кои се во тек и се испитува она коешто е капацитет на сите кандидати во сите општини, но и човечкиот капацитет на секој од кандидатите, можните кандидати коишто ќе можат да одговорат на она коешто ќе биде ветено пред граѓаните, рече Стоилковски.
Во врска со евентуалните коалиции на локалните избори, тој вели дека се во постојана комуникација со останатите партии и дека имаат подадено рака кон секого кој смета дека досегашното водство на општините од СДСМ е најлошото нешто.
-Во однос на локалните избори апсолутно да, можам само да ви кажам дека ВМРО – ДПМНЕ и досега има подадено рака кон сите оние што сметаат дека водството досегашно на локално и на централно ниво на СДСМ е најлошото нешто што можеше да се случи и за општините и за градовите и за Македонија. Сите оние што сакаат да се спротивстават на овој криминоген режим се добредојдени во коалиција да го срушиме режимот. ВМРО ДПМНЕ е во постојана комуникација со сите релевантни политички партии во Македонија согласно тоа и политичките партии на етничките Албанци во Македонија, рече Стоилковски.