Стоилковски: Русковска и Јовески да престанат да го штитат Заев

by fokus

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес конференција истакна дека Обвинителството, предводено од Љубомир Јовевски, мора по службена должност, по допрен глас, да отвори случај по завршниот исказ на првоосомничениот во случајот „Рекет“.

-Јовески мора да излезе од скутот, од пупката на Зоран Заев, истиот Зоран Заев кој што е јасно посочен во судница, и да се почне да се постапува согласно  надлежностите на Љубомир Јовевски, бидејќи и со непостапување прави злоупотреба на својата положба и овластување! А, тоа е спротивно на Законот, над кој не смее да биде никој, ниту Јовески, ниту Заев!

Првообвинетиот во случајот „Рекет“ јасно и недвосмислено посочи на потребата од вештачење на неговиот телефон, каде што јасно самиот посочува на комуникација, на пораки од Зоран Заев, во кои е можно да се открие влијанието на Зоран Заев врз правосудниот систем.

Среде судница, во завршни зборови за најголемата криминално рекетарска афера во Република Македонија во која се вмешани и јавнообвинителскиот систем и судството, посочено е на постоење на пишана порака испратена и сочувана во телефон од 16-ти април лани, во која Зоран Заев од позиција на премиер на Република Македонија, на првообвинетиот му порачувал: „Дојди да се видиме и ќе ги соочиме доказите“!

Зоран Заев мора да каже што му презентирал на првообвинетиот во врска со  доказите?

Зоран Заев мора да каже од каде биле доказите кај него? Ова не е прв пат Зоран Заев да споменува, дури и лично зборува за увид во докази во полициски и судски процеси. Тоа во демократски систем, каков што не сме, не е дозволено!

Зоран Заев должи одговори, првенствено пред јавното обвинителство, кој што мора, нагласувам, МОРА јавниот обвинител по службена должност, по допрен глас да отвори предмет по наводите од првоосомничениот во случајот „Рекет“. МОРА да бидат вештачени телефоните на првоосомничениот и на Зоран Заев, телефоните од каде според зборовите во судницата била испратена пораката, внимавајте ДВЕ НЕДЕЛИ пред Заев, како што сам вели да го пријави случајот „Рекет“ во обвинителството!

Доколку ОЈО остане во пупката на Заев, тоа е скандал кој што не само што ја крие вистината за „Рекет“, туку и фрла огромна дамка врз сликата за правосудството во Македонија, потврдувајќи и засилувајќи го јавниот сомнеж дека Љубомир Јовески и Вилма Русковска го штитат Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ не потклекнува, нема компромиси со криминалот, и по тоа сме различни, по моралниот кодекс.

Со вакво правосудство, со ваков јавнообвинителски систем во скутот на Заев, добивме хибриден режим, добивме систем со криминал, неправда и сиромаштија. На тоа наскоро ќе му дојде крајот!, истакна Стоилковски.

Поврзани новости