Пре зграда кај Градскиот парк во Скопје, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски одржа претпладнево прес-конференција, посочувајќи дека во тој објект, веројатно, купила стан досегашната министерка за финансии Нина Ангеловска и тоа, според него, со парите што ги повлекла од Еуростандард банка, пред прогласувањето стечај.
„Илјадници пензионери се во неизвесност како и дали ќе земат пензии, илјадници граѓани се туркаат по банки за да отворат сметки, а сето ова можеше да се спречи доколку Нина Ангеловска наместо за својот повеќе се грижеше за интересот на граѓаните“, рече Стоилковски, кој додаде дека луксузниот апартман што го купила Ангеловска бил проценет на сто илјади евра.
Тој побара од Ангеловска самата да одговори дали има стан во зградата што тој им ја покажа на новинарите. Ако е така, нагласи, тогаш тоа е голем безобразлук.
„Нина Ангеловска мора да одговори дали ова зад мене е зградата каде што има стан за кој ги извади парите навреме од Еуростандард банка, афера тешка 200 милиони евра?! Дали ова е зградата каде што купи стан и ги потроши парите што ги извади од Еуростандард, додека илјадници луѓе беа оставени да им пропаднат влоговите? Ако тоа е точно, тоа е безочен безобразлук. Наместо за граѓаните, министрите на Заев мислат само за себе – да се трча да се обезбеди имотот на почетокот на јуни, период кога, според Заев, веќе имало информации за судбината на банката“, изјави Стоилковски.