Одговорност за обидот за линч на поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски мора да има. И кривична и политичка. Оставката на директорот на истражниот затвор е само глума со која што треба да се сокријат вистинските виновници и вистинските нарачатели, вели Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Неприфатливо е скандалозното малтретирање да се затвори со дисциплинска одговорност за неколку чувари.
Се споменуваат пропусти и дисциплински прекршоци и неуредност, но не и одговорност. Нема збор, нема ништо од одговорност, нема ништо од вистинска истрага, за нарачателите и извршителите, нема одговорност за случајот обид за линч во притвор врз опозицискки членови, поранешни државни функционери.
Ова е обид да се забошоти случајот.
Повторно прашуваме кој го нарача линчот и кој даде наредба после нападот врз Ристовски, во дворот на затворот да биде изнесен и нападнат и Јанакиески? Зошто нема снимки од нападот?
Во оваа претстава за јавност изостанува истрагата за заканите кои пристигаат од членови и поддржувачи на Кумановската терористичка група преку социјалните медиуми.
Во сценариото изгледа не е предвидено МВР и Обвинителството да спроведат истраги по нив. Ниту за потврдените податоци за мобилни телефони и дрога во затворот. МВР и обвинителите служат само за политички прогон против опозицијата.
Ваквата претстава во заевистички манир е прочитана и одговорност ќе има! Прво на претседателските а потоа и на неминовните предвремени парламентарни избори!“, додава Стоилковски.