Стоилковски: Кои политичари стојат зад криминалните групи во Арачиново, Кондово и Грчец?

by Фокус

Извештајот на Глобалната иницијатива против организираниот криминал презентиран неодамна во Виена ги открива спрегите на организираниот криминал на Балканот, и недвосмислено пишува дека криминални групи во Македонија уживаат политичка заштита, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

-Пишувајќи за жариштата се наведува дека главните криминални групи во Скопје се групите од Арачиново, Кондово и од Грчец и тие уживаат политичка заштита. Тие ги водат трговијата со дрога, кражбата на возила, шверцувањето мигранти, но имаат и легални бизниси кои овозможуваат транспорт за шверцот, и можност за перење на пари. Според пренесено сведоштво на полициски службеник за делувањето на граничните премини, пишува дека службениците на граничните премини се под контрола на партиски функционери, при што се овозможува шверц во замена за поддршка за владејачката партија – рече Стоилковски.

Тој додаде дека Оливер Спасовски и Зоран Заев мора да кажат кои се политичарите кои што стојат зад организираните групи од Грчец, Кондово и од Арачиново?

-Кој или кои се тие што наредуваат да се гасат камери и да се премижува на граничните премини додека се одвива нелегалниот транспорт? Дали ваквите дела се во врска со изјавата на Заев дека сопрел истрага за корупција за членови во владата? Дали делата се врзани со фотографиите на Заев со звучни имиња од подземјето? Дали Спасовски и конечно ќе ги расчисти низата убиства, како она на Партизанска во Скопје, додека убиецот на Мартин Јанушев се уште е на слобода? – праша вмровскиот портпарол.

Поврзани новости