Пратеничката Моника Зајкова не дава одговор на многу едноставно прашање – кога и е изградена семејната вила од речиси 120 м2 на државно земјиште на Маврово, рече на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
-Вилата во Трница, во популарно нареченото „Зајково маало“ е легализирана во 2018-та година. Услов за легализација според Законот, е објектот да е изграден пред 3-ти март 2011-та година. Ова е решението за легализација. Поднесено на 26-ти март 2018 година. Со барањето, таткото на Зајкова поднел геодетски елаборат изработен во март 2018 година, копија од лична карта и изјава дадена на нотар исто во март 2018 година. Според Законот, се дава ваква изјава, со која што се потврдува односно се дава точна и прецизна информација кога е изградена дивоградбата што се бара да се легализира односно дека таа е изградена пред 3-ти март 2011-та година. Потписникот е пуленот на СДСМ, градоначалникот Медат Куртовски – рече Стоилковски.
Тој додава дека Зајкова мора да објасни зошто некој којшто имал вила изградена пред 2011-та година и сакал да ја легализира согласно Законот донесен 2011-та година би чекал цели седум години за да поднесе барање за легализација?
-Зајкова мора да објасни зошто е сета документација за легализација на вилата вадена во 2018-та година, од март за до јуни за експресна легализација? Прашање до државните органи е што виделе тимот на Куртовски при наведениот увид на лице место, каде што наместо шума има цело ново „Зајково маало“? Сателитски фотографии токму од „Зајково маало“ во Трница, Маврово, јасно покажуваат дека станува збор за шума, ниту постоела куќа, ниту имало некаков објект – рече Стоилковски.