Зоран Заев мора да каже што договорил и што прифатил да се избрише од Уставот согласно прифатените грчки услови во Капитулацијата, побара Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Заев мора да престане да го лаже и плаши народот само да му мине капитулацијата. Мора да престане да го руши угледот на меѓународните организации, злоупотребувајќи го во своите лаги. Заев, одважи се и издигни се над твоето плашливо зајачко срце и кажи што прифати од грчките условувања, што ќе менуваш во Уставот, во Преамбулата, во членот 3 во членот 49, во целиот Устав на Република Македонија – рече Стоилковски.
Тој додаде дека Заев очекува македонскиот народ да се самоукине, да го смени идентитетот, името и Уставот, заради тоа што, според него, наводно постигнал добар договор и во ЕУ добро се живеело.
-Дали ќе ги избришеш Државно–правните традиции на Крушевската Република и историските одлуки на АСНОМ? Дали побараа од тебе да ги избришеш народноослободителните војни на Македонија? Дали прогонуваните и затвораните за идеите за самобитноста на македонскиот народ и неговата државност? Дали Грците побараа од тебе, а ти спроведуваш бришење во Уставот дека „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив“? Дали ќе ја избришеш Македонската православна црква? – праша Стоилковски.