Стоилковиќ: Пречесто се споменува „голема Албанија“ за да биде случајно, но Западот молчи!

by Fokus

Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеник во Собранието, Иван Стоилковиќ, по повод отворањето на спомен-собата на ОВК во селото Сопот во општина Куманово, вели дека се плаши дека овој настан ќе ја отвори Пандорината кутија на национализмот во таа земја.

– Секој ден ќе бидеме сведоци на се повеќе вакви настани, пред се немили настани. Такви се од проста причина што е толку очигледно незаконско постапување што не можете да прифатите партијата која раководи со надворешните работи на Македонија и партијата која е задолжена за евроинтеграциите на Македонија да зборува за европски вредности, и да подготвува овде преку ноќ и без присуство на јавноста да се отвори спомен-обележје собата на ОВК – нагласи Стоилковиќ.

Тој додаде дека овој настан не е разбирлив за нормалниот свет. Уште една работа што паѓа во очи од него е иконографијата која го придружува целиот настан и е поврзана со картата на „голема Албанија“.

– И по Курти луѓето одеа со знамето на `голема Албанија` и се што се случуваше претходно, до отворањето на меморијалниот музеј на ОВК во селото Сопот, беше придружено со картата на `голема Албанија`. Тоа се случува премногу често за да биде случајност. Третата работа што паѓа во очи е реториката што беше присутна. Лидерот на албанската партија во Македонија, Демократската унија за интеграција, рече дека решиле да бидат господари на Македонија. Таа реторика дека си решил да бидеш нечиј господар не е од чист мир. Станува збор за реализација на агенда која на сите им е јасна и сите знаат за што се работи, но никој не сака јавно да зборува за тоа. Конечно, што се однесува до Македонија, овие настани се поврзуваат со настапот на еден од водечките албански идеолози во Македонија, кој пред некој ден направи голем инцидент на државната телевизија. Станува збор за човек кој е соработник на Владата за евроатлантските вредности, а кој инаку ја промовираше идејата за обединување на Албанија, Македонија и Косово. Тоа само значи дека Владата го загубила и компасот покрај неспособноста да ги реши сите општествени проблеми – посочи Стоилковиќ за српските медиуми.

Тој рече дека албанските националисти по којзнае кој пат ја отвориле Пандорината кутија на национализмот во Македонија.

– Нормално, кога ќе се отвори таа Пандорина кутија, носители на таа приказна се секогаш албанските националисти и претставници на политичка партија која и покрај сите лостови на моќ што ги има во рацете, не може да оди на избори без национален билет. Не е ништо ново или неочекувано, туку едноставно е загрижувачки што меѓународната заедница упорно молчи за сите овие настани. Се прашувам дали меѓународната заедница ќе има кому да се обрати во наредниот период – заклучи Стоилковиќ.

Поврзани новости