Повторно се отвори прашањето за меѓународните односи на Македонија и Србија откако пратеникот во македонското Собрание и претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, во интервју за „Вечерње новости“ изјави дека Македонија ќе го поддржи членството на Косово во Интерпол.
Стоилковиќ вели дека не добил официјален одговор од Македонија, но дека е уверен оти таква одлука е донесена.
-Без сомнеж е дека на крајот на септември Македонија ќе гласа за прием на Косово во Интерпол. А тоа ќе отвори нови тензии меѓу двете земји по дипломатскиот скандал кој се одигра меѓу Белград и Скопје – изјави Стоилковиќ.
Неговите изјави во дел од српските медиуми се пренесени со тенденциозни наслови како: „Ништо од пријателството: Македонија и заби нож на Србија“, „Ново предавство од Македонија“, „Заев му помага на Тачи да апси Срби“.
Имено, српските медиуми заплашуваат дека со членството во Интерпол, на Косово ќе му се отвори можност да распишува потерници по невини српски државјани и со тоа злоупотреба на базата на податоци.
Српската премиерка, Ана Брнабиќ, пак, одби денеска да го коментира ова прашање и дече дека ќе даде се од себе двете земји да имаат само најдобри односи.
-Вечерва не сакам да зборувам за тоа. Вечерва ги славиме нашите добри односи и Денот на Македонија. Србија е отворена и фелксибилна и ќе дадеме се од себе да имаме најдобри односи – изјави Брнабиќ за време на прославата во Белград по повод Денот на независноста на Македонија.
Таа потсети дека му испратила официјална покана на македонскиот премиер, Зоран Заев, да го посети Белград во ноември.
Новинарите побараа одговор и од амбасадорката на Македонија, Вера Јовановска Типко.
-Не сакам да зборувам за одлуките, денеска ќе зборуваме само за Денот на Македонија – рече таа.
Македонија, инаку, има рок до 26-ти септември да одлучи дали ќе го поддржи членството на Косово, кога ќе се одржи Генералното Собрание на Интерпол во Пекинг. Од Владата велат дека се уште траат консултациите за финалната одлука.