Во Министерството за односи меѓу заедниците има поставен видеонадзор кој се контролира со далечинско управување на уредите, а во кој се прави упад од непознати IP-адреси.
Ова денеска го изјави заменик-претседателот на Владата и министерот за односи меѓу заедниците на ТВ Канал 5, посочувајќи дека за случајот доставил и извештај до Управата за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи.
„Како заменик-претседател на Владата имам соодветни и безбедносни мерки околу мене и луѓето кои се грижат за тоа направија проверка контра тероризам во министерството. Сакаа да востановат кој е надлежен за видео-надзорот, кој го контролира. Но, немаше одговор на тоа прашање.
Тогаш се обратив до фирмата која го сервисирала, односно која го монтирала видео-надзорот во министерството, односно во зградата на Владата. Ја повикавме фирмата, за која мојот претходник вика дека не постоела, а се вика ‘Мак аларм‘, да изврши увид над видео-надзорот од надвор и од внатре“, вели тој.
После увидот, според Стоиљковиќ, фирмата доставила извештај во кој се вели дека е овозможен пристап за далечинско следење на уредите за снимање на видео-надзорот.
„Го прашав надлежното лице што значи тоа. Тој ми кажа дека вчера во толку и толку часот од таа и таа IP-адреса е вршен упад во системот. Додека јас сум министер во тоа министерство.
Ја замолив фирмата да ми достави соодветен извештај, кој после тоа ќе можам да го доставам до институциите. Надлежното лице ми рече дека тоа се десетина илјади страници. Им кажав да биде на стотина страници за да можам да го документирам случајот“, истакна Стоилковиќ.
Негово е само да собере докази, како што рече, да ја констатира состојбата и сето тоа да го проследи до службите, како Управата за компјутерски криминал при МВР, која добила извешта од фирмата и од министерството.