Стоилковиќ: Додик во изминатите десет години учествуваше на Светосавската академија, зошто тогаш тоа не беше проблем?

by Fokus

Министерот за односи меѓу заедниците и вицепремиерот, Иван Стоилковиќ, одговарајќи на пратеничко прашање на членот на Европскиот фронт, Салих Мурати, оцени дека се обидува да прави политика со Светосавската академија и одбележувањето на Денот на српската заедница во Македонија. Стоилковиќ изјави дека Додик учествувал на оваа академија во изминатите десет години и бил примен на средби од претходни високи државни претставници.

Од собраниската говорница, тој го праша пратеникот „зошто тогаш доаѓањето на Додик во Македонија не било проблем, а сега е проблем“.

Според министерот, Мурати фрлил сенка на она што било најважно таа вечер – заедничкото присуство на поглаварите на црквите на Србија и Македонија, патријархот Порфириј и архиепископот Стефан, што, рече, е „можеби најголемиот политички настан во поновата историја во односите помеѓу Македонија и Србија“.

Мурати одговори дека тоа е негов селективен пристап, спомнувајќи го неговото отсуство на прославата на Денот на турската заедница.

Уште претходно Стоилковиќ ги прифати критиките на претседателот на македонската Влада за дел од пораките на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик. Од Кабинетот на Стоилковиќ во кратка изјава за „Локално“ неодамна соопштија дека „Министерството се согласува со изјавата на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски“.

Премиерот тогаш рече дека „категорично ги отфрла“ и „апсолутно не се сложува“ со анти-ЕУ и анти-НАТО пораките на Додик.

-Во делот на содржината на говорот којшто се однесува на анти-ЕУ, анти-НАТО и слично, категорично го отфрлам и апсолутно не се согласувам. Навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање на такви пораки. Сепак, тоа беше свечена академија, а не место каде што се упатуваат ваков тип на политички пораки, кажа Мицкоски.

Додик во своето обраќање на одржаната академија го пофали рускиот претседател Владимир Путин, рече дека „Србите денес на Балканот имаат две држави – Србија и Република Српска“, а потоа и дека „лажеле“ оние кои го прогласиле геноцидот во Сребреница. Зборувајќи за војната во БиХ, кажа дека одредени лица како поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, лажат дека српскиот народ извршил геноцид врз муслиманското население.

Додик беше во Скопје како дел од чествувањето на празникот Свети Сава и присуствуваше на Светосавската академија одржана во МНТ, заедно со патријархот на СПЦ, Порфириј, поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, спикерот на црногорскиот парламент, Мандиќ, како и неколку министри од српската Влада. Присуствуваа и премиерот Мицкоски, лидерот на СДСМ Филипче, како и рускиот амбасадор Баздникин.

Поврзани новости