Бугарскиот технички министер за надворешни работи Светлан Стоев денеска изјави дека процесот на пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ не е само желба на ЕУ, туку мора да има докажани активности од страна на Скопје да ги убеди не само европските партнери, туку и земјата-членка Бугарија дека тие имаат желба за билатерално решавање на проблемите што постојат и ја спречуваат Софија да даде зелено светло за почеток на преговарачкиот процес.
Неговата изјава беше одговор на новинарско прашање.
– Бугарската страна работи на две линии – билатералниот дијалог и давање гаранции во рамките на преговорите од страна на земјите-членки на ЕУ дека договорите потпишани од РСМ, вклучително и со Бугарија, ќе бидат имплементирани во иднина, изјави Стоев.
Тој додаде дека „краткиот пат е билатерален пат, и долгиот – кога треба да поминете низ сите земји-членки за да добиете договор за вклучување елементи во рамката за преговори што ја задоволуваат Бугарија“.
– Ние поставивме многу јасно какви услови мора да бидат исполнети и кога ќе видиме исполнување на овие услови, средината за понатамошен дијалог ќе биде сосема поинаква. За жал, она што го гледаме, јазикот на омраза што го промовираат некои политички сили и младински движења, не зборува во оваа насока …Би сакал да видам резултат за време на словенечкото претседателство, изјави Стоев.
Тој додаде дека очекува Скопје да преземе активности во врска со спроведувањето на клаузулите потпишани во 2017 година.
– За некои од нив четири години не можеме да разбереме зошто не се спроведуваат…И ова го покренува прашањето колку се искрени нашите соседи во однос на исполнувањето на нивните обврски кон Бугарија.