Стоечки аплаузи за Кате, Андријана и Игор во Кавадарци: В Тиквешко негде, в некое село…

by fokus

Со стоечки аплаузи беше поздравен перформансот на Катерина Танева, Андријана Јаневска и Игор Џамбазов синоќа во Домот на културата ,,Иван Мазов– Климе” во Кавадарци, за време на Свечената академија по повод 80 години од стрелањето на 12-те ваташки младинци.

Додека Јаневска и Танева ја пееја ,,Ми заплакало селото Ваташа”, Џамбазов во позадина ги рецитираше стиховите на ,,Цветови”, песни посветени на ѕверски убиените младинци. Во публиката имаше и членови на семејствата на ваташките деца, кои ја проследоа емотивната изведба.

Пред тоа, беше промовирана и книгата Мемоари – Сеќавања, посебно издание по повод 80 годишнината од грозоморниот чин.
Книгата претставува документ за тоа што се случувало на 16-ти јуни 1943 година во Ваташа, односно еден вид реконструкција на настаните пред и потоа, врз основа на сведоштва на блиски роднини, другари, сопартијци…

Од општината изразија голема благодарност до Вински музеј Кавадарци, Музеј Галерија Кавадарци и до рецензентите професор д-р Наташа Котлар Трајкова и м-р Марјан Гијовски како и до м-р Александар Јордановски –промотор и лектор на ова специјално издание.

Денес во Моклиште се одржува чествување на кое ќе бидат откриени бистите на младинците, Спомен собата во нивна чест, а ќе се одржи и пригодна културна програма.

Вики Клинчарова

Поврзани новости