Британскиот синдикат за јавни и комерцијални услуги денеска соопшти дека 100.000 членови на овој синдикат, вработени во 124 владини сектори, на 1 февруари ќе стапат во штрајк поради незадоволство од платите, пензиите и сигурноста на работните места.
– Ја предупредивме Владата дека нашата расправа ќе ескалира доколку не нѐ послушаат, а ние си го држиме зборот, рече шефот на Британскиот синдикат за јавни и комерцијални услуги, Марк Сервотка.
Илјадници медицински работници ширум Велика Британија денеска втор ден штрајкуваа, додека многу училишта во Шкотска, беа затворени, бидејќи наставниците не се појавија на своите работни места.
Британскиот синдикат за јавни и комерцијални услуги изминатиот месец организираше серија штрајкови во јавниот сектор во кои беа вклучени вработени во различни области, од медицински работници и инструктори за возење, до вработени во железницата, граничната и сообраќајната полиција.