11-годишниот планинар Ване Бошев од Неготино е добитник на стипендијата спортска надеж на Македонија.
По извонредните резултати постигнати во планинарењето, шестоодделенецот во наредните десет месеци ќе добива стипендија во износ од околу 4.500 денари.
– Агенцијата за млади и спорт секоја година доделува по 500 стипендии за млади и надежни спортисти. Нашиот Ване, кој е член на Југ Валандово, планинари Неготино, ја доби стипендијата, по сите постигнати успеси и освоени врвови – ни изјави Орданчо Бошев, татко на малиот планинар. Тој додава дека предизвиците биле големи, но сепак Ване мотивирано чекорел кон успехот, рамо до рамо со старите и искусни планинари.
-Само во 2018 година Ване се искачи на 25 врва. Најголемиот успех годинава му беше искачувањето на најдолгото ферати во Европа, со врвот Пунто Пенија (Мормолада) на 3.343 метри надморска височина, на доломите во Италија. Но тој не запира овде. Наредниот викенд продолжуваме со петте највисоки врва на Олимп, ќе ги освоиме Стефани, Митикас, Скала, Сколио и Илијас – вели Бошев.
Вики Клинчарова