Во историјата заминува стилот на облекување на Никола Груевски. Она што веќе ниту еден професионалец не смее да го повтори се неговите пет, кои не се само модни грешки: да биде брендиран и да се однесува како подвижна реклама за познат светски моден бренд, трупање многу облека во гардероберот, кошули во разни бои, од пинк розова до карирана, штепувани чевли и бели панталони комбинирани со бели мокасини. Политичарот на негова позиција, од бели алишта може да носи само бела кошула!
Неговиот стил излегуваше од сите правила на формално облекување, но тоа не го правеше по ништо единствен затоа што не се согласуваше, ниту со професијата, ниту со начинот на размислување. Во сиромашни држави како Македонија е непристојно да се носи „лакост“ маица од 100 евра, ако една текстилна работничка зема плата од 150 евра.
Тој го запоставуваше формалното облекување, тенденциозно го свртуваше вниманието од она што го прави и го зборува и имаше цела колекција зимски јакни и костуми, повторно непристојно од еден политичар на толку висока функција. Груевски со облеката, наместо да си помогне, си одмогна и на него никако не можеше да се примени славната идеја на Оскар Вајлд: „Ако самиот не си уметничко дело, носи едно на себе“.
Таков недостиг од чувство за бои, модел, толкава несвесност за сопственото тело, до таму да се облече окер костум, тешко би можел да биде објаснет со зборот кич. Состојбата на свеста, себичноста и алчноста, бесчувствителноста и ненаситноста, го определија неговиот однос кон облеката, при што не се придржуваше до основното правило: квалитет наместо квантитет.
Совет? Само еден е возможен. Нека ги подари своите облеки. Покрај другото, затоа што ќе го потсетуваат на сѐ што беше, а не смееше да биде.
О.Д.